Влада: Новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра е за заштита на животниот стандард, ликвидноста на компаниите и развојот на економијата

Влада-Новиот-деветти-пакет-антикризни-мерки-во-вредност-од-662.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот деветти пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, што го утврди Владата на Република Северна Македонија, содржи 26 мерки со кои се таргетирани поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.


„Со овие мерки се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.

Пакетот содржи и системски мерки со кои за 2023 и 2024 година се опфатени над 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавен сектор.

По категории, пакетот мерки наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците е во вредност од 156 милиони евра.

Во оваа категорија, предвидени се мерките за поддршка за зголемување на ученичкиот стандард на основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања, до 50.000 денари. Конкретно, над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра“, велат од Владата.

„Во наредните 7 месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.

Во однос на најранливата категорија на граѓани, во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, самохраните родители корисници на Гарантирана минимална помош и родителите на деца со попреченост до 26 години. Мерката опфаќа 16.741 граѓани, за што се издвоени 2,7 милиони евра.

Во деветтиот пакет антикризни мерки се предвидени мерки за поддршка и заштита на стандардот на пензионерите со најниски пензии. Односно, во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. Со оваа поддршка се опфатени над 187.000 пензионери, за што се предвидени 35 милиони евра.

За земјоделците со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, за што се предвидени 8,1 милиони евра.

Еден милион евра се предвидени преку Програмата за енергетска сиромаштија, за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.

Со пакетот се предвидени мерки за финансиска поддршка за домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија. Конкретно, до максимум 80.000 денари поддршка за фотонапонски панели, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. За оваа намена се изводени 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници.

Продолжува мерката за 90% субвенционирање на цената на струјата, со која се опфатени 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи. За оваа мерка проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.

Ќе се субвенционира и цената на топлинската енергија, односно парното за домаќинствата и компаниите, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.

Со пакетот е предвидено продолжување на финансиската поддршка за сметките за струја за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија. Поддршката за оваа категорија на граѓани изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.

За мерката „Мој ДДВ“ предвидени се 42,2 милиони евра, а ќе се опфатат речиси 540.000 корисници, за поврат на ДДВ за што прагот е зголемен до 2.100 денари за секое тромесечје поединечно.

Во овој пакет мерки е предвидено законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а планирана е и мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за 3 процентни поени за граѓаните со низок доход.

Пакетот наменет за поддршка на приватниот сектор е во износ од 492 милиони евра и содржи мерки за одржување на ликвидноста на компаниите, конкурентноста и поддршка за инвестиции во обновливи извори.

Конкретно, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.

Се проширува опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што се предвидени 39 милиони евра.

Предвидена е поволна седма кредитна линија за зелена транзиција во соработка со Европската Инвестициона Банка во износ од 100 милиони евра, за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори, по принципот 1+1.

Исто така во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.

Планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, наменети за создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво и за зелени инвестиции.

Пакетот за приватниот сектор содржи и поддршка преку инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“, за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 790.000 евра.

Исто така, со деветтиот пакет мерки предвидена е одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што ќе се придонесе за намалување на малопродажните цени на млекото и млечните производи.

Со овој пакет мерки обезбедена е и финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари.

Вкупно 14.9 милиони евра се предвидени за поддршка за јавниот сектор. Конкретно, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја, а во соработка со Светска Банка. За оваа намена се издвоени 10 милиони евра.

За Фондот за енергетска ефикасност во Развојната Банка, а во соработка со Светската Банка, обезбедени се 5 милиони евра за финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Оваа мерка треба да обезбеди намалена потрошувачка на струја за јавниот и приватниот сектор.

Покрај овие антикризни мерки, продолжуваат системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза, за што се предвидени 516 милиони евра. Односно 189 милиони евра во 2023 година и 327 милиони евра во 2024 година.

Од оваа сума, 36,2 милиони евра се наменети за зголемувањата на платите во јавниот сектор, преку усогласување со порастот на минималната плата и тоа за 2023 година.

52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, конкретно за пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За 2024 година за оваа мерка која предвидува покачување на платите, се предвидени 150 милиони евра.

Обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери за 2023 година, и 178 милиони евра за покачување на пензиите согласно новата методологија за 2024 година.

Сите овие мерки започнуваат да важат од 1-ви декември и сите финансиски средства се предвидени во Буџетот“, се наведува во соопштението на Владата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK