Поранешниот параолимписки шампион Оскар Писториус ќе биде ослободен од затвор на условен отпуст 10 години откако ја убил својата девојка Рива Стинкамп. Ова денеска го одлучи одборот за условно ослободување, кој како датум за негово ослободување го одреди 5 јануари 2024 година.
„Одделот за затворски служби го потврдува условното ослободување на Оскар Леонард Карл Писториус од 5 јануари 2024 година“, објави затворската управа набргу по прегледот на одборот за условно ослободување во затворот во близина на Преторија, каде што спортистот е затворен.
Писториус, кој сега има 37 години, беше осуден на 13 години затвор во 2016 година.
Ја застрелал Стинкамп повеќе пати низ вратата од бањата на Денот на вљубените во 2013 година. Подоцна тврдеше дека ја помешал со разбојник.