Јаир Нетанјаху, синот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, предизвика многу реакции откако во саботата вечерта на својот канал на Телеграм ги критикуваше израелските одбранбени сили (ИДФ), судовите и медиумите. Јаир, кој се пресели во Мајами претходно оваа година и остана таму и покрај војната во Израел, сподели клип за „како Високиот суд ги промени безбедносните аранжмани и упатствата за отворање оган на границата на Појасот Газа“.
Со ова тој сакаше да каже дека одлуките донесени од Високиот суд на правдата доведоа до промени во правилата за ангажман на ИДФ на границата со Газа, дозволувајќи им на терористите на Хамас да се приближат до граничната ограда, пишува Ерусалим Пост. Синот на премиерот, исто така, сподели со своите 14.000 претплатници статија за војниците кои неколку месеци пред нападот предупредувале за активностите на Хамас на границата со Газа, но нивните команданти ги игнорирале.
Тој го обвини безбедносниот сектор дека го поттурнал праќањето на дизел горивото во Појасот Газа. Покрај тоа, тој се обиде да ги омаловажи новинарите за „поставување политички прашања и спроведување анкети“, очигледно повикување на неодамнешните истражувања кои покажуваат пад на поддршката за премиерот и неговата партија Ликуд.
Организацијата на резервисти на ИДФ „Браќа по оружје“ брзо одговори: „Морате да се соочите со фактите. Ароганцијата ви припаѓа вам, додека вината е на вашиот татко. Ерата на вашето злонамерно влијание е завршена. Ние сме обединети со мажите и жените кои ги ризикуваат нивните животи да ја заштитат нашата земја, од која избегавте. Ги разбираме фрустрациите и желбите на татко ви, ги разбира целата нација. Меѓутоа, вечерта кога тагувавме за загубата на осум војници, ќе беше подобро да молчевте“.
Синот на премиерот се соочи со критики за останување во САД и покрај избувнувањето на војната, додека десетици илјади Израелци се вратија дома. Минатата недела, премиерот, откако му беше поставено прашање на прес-конференција, рече дека Јаир волонтира во САД и купува опрема за армијата и службите за итни случаи.