Македонија утре ќе го заврши квалификацискиот циклус за пласман на ЕУРО 2024. Во Скопје ќе гостува една од најдобрите светски селекции, репрезентацијата на Англија. Македонија ќе заврши на претпоследното место во Ц групата, Англија пред две рунди го обезбеди првото место и ќе биде носител на ждрепката за ЕП.
Во пресметката со „Гордиот Албион“, македонија влегува по убедливиот пораз од Италија во Рим (5:2), а Англија славеше 2:0 против Малта.
„Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме. Ќе мора да се надеваме дека ситуациите ќе им се променат, за да бидеме што поконкурентни барем на физички план против вакви противници“, рече на прес конференцијата селекторот Благоја Милевски и дополни.
„Примивме многу голови во овие квалификации и треба да работиме на тоа. Можеме во иднина само да се подобруваме и да напредуваме. Верувам во потенцијалот на оваа генерацја, утре не очекува еден голем меч, вистински спектакл и се надевам дека ќе уживаме и ќе одиграме добар натпревар“.