Русија држи повеќе од 3.500 украински војници како воени заробеници, соопшти денеска украинското Министерство за реинтеграција.
Вкупно, повеќе од 4.300 Украинци се потврдени како воени заробеници во Русија, вклучително и повеќе од 760 цивили. Нивните роднини добиваат финансиска помош од украинската држава.
Москва соопшти дека Украина држи повеќе од 500 руски војници како воени заробеници. На почетокот на ноември се дозна дека Киев подготвува втор затвор за руските воени затвореници во западниот дел на земјата. Двата објекти заедно, според проценките, можат да примат околу 900 затвореници.
Украина се брани од руската инвазија речиси 21 месец. Украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец вели дека Москва во тој период му предала на Киев речиси 2.600 воени затвореници и цивили. Не е познато колку воени затвореници се вратиле во Русија.