ДСЗИ не утврди како починатото бебе од Прилеп се заразило со ешерихија коли: уредни наоди имале и мајката и персоналот во болницата

Вонредни-инспекции-во-прилепската-болница-по-смртта-на-новороденчето-со.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Тридневниот вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по смртта на бебето од Прилеп не одговори на прашањето како новороденчето се заразило со бактеријата ешерихија коли. Надзорот потврди дека бебето, третиот ден по раѓањето, било донесено на Клиниката за детски болести во Скопје со бактеријата во дишните патишта, но освен кај него, санитарните инспектори не ја најдоа бактеријата на друго место.


Во извештајот од надзорот на гинеколошкото и неонаталното одделение во прилепската болница ДСЗИ наведува дека и на бебето и на мајката им биле правени биохемиски анализи кои биле со уредни наоди.

„Родилката била донесена на одделение за гинекологија и акушерство на 27.10.2023 година во 06:00 часот со прснат воденик два часа претходно. По извршените неопходни прегледи и подготовка родилката била породена спонтано, бидејќи немало индикации за царски рез. Во 09:15 часот родила жив, машки плод во 38 гестациска недела со тежина 2720 грама (апгар 8/8/10). Родилката е сместена во болничка соба на одделение за гинекологија и акушерство заедно со бебето. Во текот на престојот на одделение, биле извршени биохемиски анализи на крв на родилката во два наврати. Резултатите биле со уреден наод. На 28.10.2023 година на утринска визита била извршена лабораториска анализа на крв и кај новороденчето. Резултатите биле со уреден наод. Во текот на престојот на акушерското одделение, новороденчето било со мајката заради воспоставување на процес на доење. Од страна на мајката немало забелешки по однос на здравјето на бебето“, стои во извештајот на ДСЗИ.

На 29.10.2023 година на утринска визита лекарите констатирале жолтило на кожата на новороденчето. Други симптоми немало и бебето било поставено на 12-часовна фототерапија.

„Извршена е лабораториска анализа на параметри за жолтица (вкупен и индиректен билирубин). Новороденчето било во добра општа состојба, со уреден белодробен наод, добар тонус и се хранело без повраќање .Од овие причини немало сомневање за рана неонатална инфекција“, наведено е во извештајот.

По фототерапијата било вратено кај мајката, но вечерта било однесено во неонатолошкото одделение, како и сите останати бебиња, за дохрана. Ви извештајот стои дека дежурната сестра на неонатологија го нахранила на полноќ и тоа имало добри витални параметри. Во 03 часот одбило да прими храна, други симптоми немало, а во 05.00 часот кога повторно одбило да прими храна била повикана дежурната докторка.

„Докторката – специјалист, педијатар, констатирала дека бебето е млитаво и со површно дишење. Проверена е гликемија,поради ниски вредности (2.1) дадена гликоза, кислородна поддршка и поради лоша клиничка слика и сомнеж за перинатална инфекција била дадена двојна антибиотска терапија, дексазон, инфузија со гликоза и ставено во инкубатор. Извршена лабораториска анализа на крв, ацидобазен статус, ЦРП. По консултација со доктор од Клиника за детски болести во Скопје новороденчето со мајката во 07:00 часот наутро со возило и екипа на Итна медицинска помош било трансферирано во ЈЗУ Клиника за детски болести во Скопје за понатамошно лекување. При надзорот ивршен е увид и во документацијата која се однесува на превземени превентивни мерки за спречување на појава на интрахоспитална инфекција ( биолошка контрола на стерилизација, редовен бактериолошки мониторинг, превентивна ДДД, здравствено хигиенски прегледи на вработениот персонал, редовни состаноци на Комисијата за заштита од ИХИ). Не се констатирани забелешки“, констатирале инспекторите од ДСЗИ.

Вонредниот надзор кај матичниот гинеколог на мајката покажал дека бременоста била уредно водена, а надзорот пак на Детска клинка потврди дека кај бебето при приемот во дишните патишта била откриена бактеријата ешерихија коли.

„При прием детето било во исклучително тешка општа состојба, хипотонично без реакција на длабока дразба, со ирегуларно дишење проследено со апнеи и акрилна цијаноза, па поставено на Б-ЦПАП. При прием со лабораторидска потврда за пораст на инфламаторни маркери веднаш била вклучена антибиотска терапија. Земена е стартна хемокултура и материјал од трахеален аспират – добиен резултат од ЈЗУ ИЈЗ на РСМ со наод за присуство на Escherichia colli во трахеален аспират, а хемокултура негативна. По добиениот позитивен наод од трахеален аспират антибиотската терапија е давана соодветно на антибиограмот. Повторно била земена хемокултура на 01.11.2023 г. и на 02.11.2023 г. со негативни наоди . Во вечерните часови (22,00ч.) на 30.10.2023г. поради влошување на состојбата било поставено на механичка вентилација. Третиот ден од престој се јавила олигоанурија. На 05.11.2023г.во 14,40ч. настанал Сardiac arrest па детето е реанимирано; во 20,15 ч. повторно настапува Cardiac arrest но без одговор и настанала смрт во 20,35ч.“, стои во извештајот.

Врз основа на наодите ДСЗИ заклучува дека не се констатирани недостатоци кои се во надлежност на Инспекторатот, па за стручниот дел од работата иницира стручен надзор за кој министерот за здравство може да формира посебна комисија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK