Италијанскиот фудбалски клуб Јувентус го продолжи договорот со Николо Фаџоли до крајот на јуни 2028 година.
Продолжувањето доаѓа помалку од еден месец откако Фаџоли беше суспендиран на седум месеци од Италијанската фудбалска федерација поради кршење на правилата за обложување.
Веднаш по суспензијата, Јувентус го поддржа Фаџоли кој призна дека е зависен од коцкање и најави продолжување на договорот кој требаше да истече во 2026 година.
22-годишниот Фаџоли важи за еден од најдобрите млади фудбалери во Италија и речиси целата своја кариера ја мина во Јувентус.
Минатиот месец тој се согласи на спогодба со федерацијата која покрај суспензијата предвидува и да оди на терапија за зависност од коцкање.
Фаџоли, кој веќе беше на третман за истиот проблем, го информираше обвинителот на Италијанскиот фудбалски сојуз за случајот и соработуваше со властите за да му биде намалена казната.
Ова овозможи минималната казна од три години за играчите кои се обложуваат на фудбалски натпревари значително да се намали.