Меџити: За првпат овозможуваме безболно мерење гликемија, за повеќе детски насмевки

Меџити-За-првпат-овозможуваме-безболно-мерење-гликемија-за-повеќе-детски.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пациентите со дијабетес имаат достапност на најсовремена инсулинска терапија , а посебно драго ми е што конечно набавивме 650 сензори за безболно мерење гликемија наменети за деца и млади до 18 години со дијабет тип 1, бремени жени со дијабет тип 1 и слепи лица со чија помош се овозможува континуирано мониторирање на гликемија.



Oва го истакна министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешниот форум по повод светскиот ден за борба против дијабетесот насловен како „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија – дејствуваме пред да стане непоправливо“.

„Имавме година во која се соочивме со повеќе предизвици, но сепак морам да истакнам дека Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет, во соработка и со здруженијата макотрпно работеа на успешно решавање на истите. Заедно придонесовме за подобрување како на општото здравје, така и на квалитетот на живот на пациентите со дијабет.“- истакна Меџити.

Во своето обраќање Меџити се осврна и на воведувањето на новите протоколи во примарна здравствена заштита кои придонесоа за подобро следење и мониторирање на пациентите со дијабетес од страна на нивните матични лекари, односно рана детекција на компликациите кои следат од болеста.

„Со зголемување на дијагностичките и терапевтските можности на матичните лекари овозможивме пациентите со дијабетес да можат да ја добиваат статинската терапија токму кај нив, а знаејќи ја важноста на добрата регулација на масти во крвта кај оваа група на пациенти значително го намалуваме непотребниот морбидитет и трошоци на пациентите. Со ова го подобривме квалитетот и континуитетот на грижата на сите пациенти со дијабетес.“- потенцираше Меџити.

Министерот Меџити посочи дека во период кој следи ќе се труди пациентите со дијабетес да имаат пристап до најсовремените начини за третман нагласувајќи дека обврска како здравствен систем е да се овозможи поквалитетен живот на луѓето кои имаат дијабетес и да се превенираат компликациите од дијабетесот.

Во земјава се регистрирани 140 000 случаи на дијабетес, а воведена е и скрининг програма за лица кои немаат фактори на ризик, со која што се овозможува рана детекција на ризик факторите и со тоа да се превенира или одложува манифестацијата на болеста.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK