Оштетени штедачи од Еуростандард банка: Дали ќе се продаде управната зграда на Еуростандард банка?

eurostandard bank
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

И додека со години се чека одлука од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од покренатата истрага за криминалот во затворената Еуростандард банка, доверителите очекуваат продажба на управната зграда на банката. Одлуката за продажба на зградата зависи исклучиво од ставот на Фондот за осигурување на депозити, кој е доверител со мнозински удел во одлучувањето поради големината на неговите побарувања во стечајната маса на банката.

Наскоро се очекува да се одржи седница на собранието на доверители. На таа седница главна точка на дневен ред ќе биде одлучувањето за продажба на управната зграда на Еуростандард банка. Тоа е трет и последен обид да се продаде зградата. Понудената цена од последната одржана електронска аукција изнесува околу 5,4 милиони евра. Желбата на огромното мнозинство доверители е да се продаде зградата за да може да биде исплатен еден дел од нивните побарувања на личните парични средства доверени во банката. Сите тие се надеваат дека и Фондот за осигурување на депозити како мнозински доверител со право на одлучување е на истата страна односно дека ќе се изјасни за продажба на зградата според понудената цена. Со тоа и прашањето за впаричување на зградата во строгиот центар на град Скопје ќе биде решено на задоволство на сите инволвирани страни.


Но, што ќе се случи доколку Фондот за осигурување на депозити не се согласи да се продаде управната зграда со неприфаќање на понудената цена!? Во тој случај, согласно законските одредби, ќе следи распределба на зградата на удели на преку 3.000 доверители, физички и правни лица. Тоа ќе значи и дека обидот за идна продажба на зградата ќе биде практично невозможен, додека користењето на зградата ќе биде доведено во прашање. Освен тоа, преку 3.000 доверители, вклучително и Фондот, ќе наследат данок на имот, трошоци за одржување и обезбедување на зградата и други комунални трошоци. Од друга страна, управната зграда ќе продолжи да ја намалува својата вредност со текот на времето. Во таков случај, освен доверителите, во загуба ќе биде и државата со оглед на тоа што оваа зграда во строгото централно подрачје ќе продолжи да „изумира”, оставајќи лоша слика и за граѓаните во земјава како и за туристите кои го посетуваат главниот град.

Сите доверители на Еуростандард банка се надеваат и веруваат дека Фондот за осигурување на депозити ќе донесе одлука за продажба на управната зграда на Еуростандард банка на престојното собрание на доверители.

Евентуалната одлука на Фондот да се изјасни ПРОТИВ продажба за понудената цена би го направила главен виновник за претрпената штета на сите доверители, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.  Здружение на оштетени штедачи од Еуростандард банка

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK