Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери остро реагира кон градоначалникот на Тетово и претседател на Движењето Беса, Билал Касами, „кој го злоупотреби Собранието со тоа што ги прекрши воспоставените собраниски процедури за одржување на конференции за печат во зградата на законодавниот дом, за лична политичка промоција“.
„Имено, во Собранието е предвидена посебна процедура за начинот на одржување на конференции за печат за тоа каде и кој се може да го користи тоа право. Согласно тоа, Прес-центарот во законодавниот дом е наменет исклучиво само за пратениците од тековниот мандат, па така, нејасно е денеска Касами во кое својство присуствуваше и говореше на ненајавената прес-конференција во Собранието. Како поранешен пратеник, Касами би требало да е упатен во процедурите на законодавниот дом и да знае дека, Собранието не е место на кое тој може да се обраќа било како градоначалник или како претседател на партија“, реагира претседателот на Собранието преку писмено соопштение.
„Освен тоа, во прекршувањето на собраниските правила и норми на Касами му се приклучија и го поддржаа уште неколку други пратеници, кои во спротивност со воспоставените правила, му овозможија да се обрати од прес-центарот во Собранието, од местото предвидено исклучиво за изјави на народните избраници“, се додава во соопштението на Џафери.