Левица: Македонија во должничко ропство, нов долг од 190 милиони евра со европско знаменце

Левица-Македонија-во-должничко-ропство-нов-долг-од-190-милиони.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Според Левица, за „анти-македонската и недемократската гарнитура на власт ништо не значат критиките на ЕУ за злоупотребата на европското знаме“.


Од таму додаваат дека во собраниска процедура по скратена постапка, со шверц со европско знаме, влегоа два Предлог-закони за задолжување на Македонија. Едниот заем , како што појаснуваат, кај Кредитна банка за обнова (КФВ) во износ од 90 милиони евра, за резерви или директна поддршка на Буџетот. Вториот од Европската Унија во износ од 100 милиони евра за макро-финансиска поддршка. Заемите од овие закони треба да се отплатат за 15 години.

„Република Македонија ќе ѝ плати на Кредитната банка за обнова еднократна провизија во висина од 0,5% од износот на заемот, односно 450.000 евра, а висината на каматната стапка ќе се утврдува за траншата од заемот при нејзиното повлекување. Финансиските услови за задолжувањето кај ЕУ (меѓу кои се износот на траншата, датумот на исплата, каматната стапка, датумот на достасување, банкарските провизии и останатите трошоци) ќе бидат утврдени со повлекувањето на средствата.

Власта на СДС и ДУИ нè задолжува без претходно да бидат познати сите услови за задолжување, особено што не е утврдена каматната стапка. Македонија сè уште плаќа најскапа струја во регионот, a клучен енергетски капацитет како Чебрен се дава под концесија на странски инвеститор“, велат од Левица.

Според нив, вкупниот јавен долг има тенденција и понатаму да расте. 75 отсто од јавниот долг, како што посочуваат, се користи за финансирање на буџетскиот дефицит поради проектирани повисоки расходи од приходи. Во Македонија, како што оценува Левица, стана пракса да се земаат кредити за да се покријат стари долгови и тоа оди постојано во циклуси.

„Додека банките за девет месеци остварија речиси 200 милиони евра профит, СДС и ДУИ го задолжуваат народот во следните 15 години со заеми во износ од 190 милиони евра, на кои ќе платиме милионски суми за провизии и камати. Хибридниот режим наместо да го регулира дивеењето на крупниот капитал и да ја зајакне редистрибутивната политика, тие удираат по грбот на идните генерации кои ќе го враќаат долгот и дозволија банките да бидат побогати од државата“, се истакнува во нивната реакција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK