Поранешниот министер за надворешни работи на Чешка, Карел Шварценберг, почина на 85-годишна возраст, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на таа земја.
„Со длабока тага и почит се сеќаваме на Карел Шварценберг, кој не’ напушти денеска. Како министер за надворешни работи во два мандата, тој ја обликуваше нашата надворешна политика и секогаш со своите постапки докажуваше дека е вистински демократ“, соопшти чешкото МНР.
Чешкиот претседател Петр Павел изјави дека умрел „голем човек во секоја смисла“ и истакна дека „служењето на својата земја е природна мисија за него“, пренесува АП.
Шварценберг е роден на 10 декември 1937 година во Прага во благородничко чешко семејство, но тој и неговото семејство морале да избегаат од Чехословачка откако комунистите ја презеле власта во 1948 година и од тогаш живееле во егзил во Австрија. Студирал право и шумарство на универзитетите во Виена и Грац во Австрија и во Минхен во Германија, но не ги завршил студиите бидејќи морал да се грижи за семејните имоти во Австрија и германската покраина Баварија.
По револуцијата од 1989 година на чело со Вацлав Хавел, Шварценберг се вратил во Чешка, а по победата на Хавел на претседателските избори, тој станал шеф на неговиот претседателски кабинет.
Шварценберг беше министер за надворешни работи од 2007 до 2009 година. и за тоа време тој и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс потпишаа првичен договор за основање на американскиот ракетен штит во Централна и Источна Европа.
Од август годинава тој беше во болница во Прага поради проблеми со срцето и бубрезите, а пред неколку дена беше префрлен во клиника во Виена – градот во кој живееше со години.