Израелската армија утре ќе помогне во евакуацијата на новороденчињата од болницата Ал Шифа во Газа, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
„Персоналот на болницата Ал Шифа побара да им помогнеме на бебињата во педијатриското одделение утре да стигнат до побезбедна болница. Ќе ја пружиме потребната помош“, рече Хагари на прес-конференција.
Израелската невладина организација Лекари за човекови права-Израел денеска извести дека две предвремено родени бебиња починале бидејќи недостигот на гориво го спречил продолжувањето на неонаталната нега во Ал Шифа, најголемата болница во опколениот Појас Газа.
Претходно денеска портпаролот на Министерството за здравство во Газа изјави дека операциите во болничкиот комплекс Ал Шифа се прекинати и дека како последица на тоа починало едно предвреме родено бебе. Лекарите без граници (MSF), чии членови оперираат во болницата, наведуваат дека „во изминатите 24 часа, болницата Ал Шифа била неколкупати нападната, вклучително и породилното одделение“.
Израелската армија тврди дека нема напад на болницата и дека таа не е опколена.