Лекари без граници денеска ги потврдија извештаите дека се пука во луѓе при обид да ја напуштат болницата Ал Шифа во Појасот Газа.
„Во моментот на пишување на овој текст, нашиот персонал е сведок на пукање во луѓе кои се обидуваат да побегнат од болницата Ал Шифа“, се вели во објавата на Лекари без граници на платформата „Икс“, пренесува Ал Џезира.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелските тенкови се на само 20 метри од болницата Ал Кудс.
„Директно пукање во болница, а меѓу раселените владее екстремна паника и страв“, се вели во соопштението објавено на платформата Х (Твитер).
Во болницата Ал-Шифа вчера се случи експлозија кога, како што соопштија палестинските власти, била погодена од израелски воздушни напади.
Директорот на болницата Ал-Шифа и владата на Хамас во Газа објавија дека во експлозијата загинале 13 лица.
Израелската војска претходно соопшти дека командните центри на Хамас се наоѓаат во подземни тунели под болниците на Ал-Шифа, што палестинската терористичка група го негираше.
Палестинските здравствени власти соопштија дека има зголемување на израелските напади врз или во близина на болниците, загрозувајќи ги пациентите и медицинскиот персонал, како и илјадници луѓе кои се евакуирани во блиските болници во потрага по побезбедна локација.