Енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија беа во фокусот на третиот Социо-еколошки форум кој се одржа во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Меѓународниот центар „Олоф Палме“ и Прогрес – Институтот за социјална демократија. На дебата на која учествуваа владини преставници, експерти и пратеници од земјите на ЕУ, како и градоначалници од државата и регионот, се обрати и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Ги презентираше чекорите кои ги презема општината за да стане целосно енергетски независна со користење на обновливи извори на енергија.
„Општина Центар го основа претпријатието „Енергија Центар“, кое ќе носи голем бенефит и за многу генерации по нас. Со реализацијата на проектов, планираме да станеме енергетски независна и самоодржлива општина, користејќи природни ресурси и потенцијали. Со формирањето на ова трговско друштво ќе се олесни процедурата за инсталирање на фотоволтаични системи на јавните објекти како што се основните училишта, детските градинки, урбаните заедници и другите објекти, кои се под надлежност на општината. Поставен е и првиoт фотоволтаичен систем на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка, а во изработка се проекти за поставување фотоволтаични централи на три основни училишта во општината. Со овој чекор кон енергетска независност, Општина Центар се промовира како првата енергетски независна општина во државата’’, истакна Герасимовски на Форумот.
Градоначаникот посочи дека Општината преку ,,Енергија Центар” може да инсталира централи со вкупна моќност од 2,44 мегавата, а вкупната инвестиција за инсталирање би изнесувала околу 1.755.000 евра со поврат на инвестиција за околу 4,5 години.
Во тек е и опремување на информативно катче за зелена и праведна енергетска транзиција т.н. ,,Енергетска канцеларија”. Со отварањето на овој информативен центар за енергетска транзиција, сите заинтересирани страни ќе можат да се информираат за можностите за енергетски инвестиции, да учат на темата зелена и праведна енергетска транзиција, или да остварат комуникација и добијат поддршка поврзано со енергетска независност и одржлив развој.