Во чест на 13 Ноември, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден Градската библиоитеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова.
Промоцијата е закажана за понеделник (13 ноември) во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Книжевна мапа на Скопје“ (издание на Центарот за култура и културолошки студии) е дело во кое Илкова ја истражува новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.
-Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа – Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато, подвлекува Иван Антоновски, уредник на книгата.
Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија. Ама оваа книга, поради истражувачката темелитост со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија – пишува во рецензијата Весна Мојсова Чепишевска.
Моника Илкова е родена во 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Има учествувано на повеќе конференции и собири како „Млади македонисти“, „Како си ми?“, „Меѓународен славистички собир“, и има објавено текстови во повеќе книжевни списанија. За време на студиите, има работено како уредник во издавачката куќа „Антолог“, има преведено неколку романи од англиски на македонски јазик и била дел од организацијата на Фестивал на европска литература „BookStar“. Освен со книжевност, се занимава и со графички дизајн.
Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.