НЕФУКЦИНАЛНОСТ. „Конечно, после скоро две години, Уставниот суд на дневен ред од својата 30-та седница (закажана за 6.11.2020 година во 9:30 часот) како точка 5 ја стави и Иницијативата од група граѓани, поднесена уште во јануари 2019 година. Во Иницијативата подносителите бараат Уставниот суд да ја оцени уставноста и законитоста на Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI.
Во оваа смисла, Судот ја формулирал точка 5 од закажаната седница: ‘Одлука за прогласување на Амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, заведена под број 08-184/1 донесена на седница на Собранието на Република Северна Македонија одржана од 11 јануари 2019 (‘Службен весник на Република Македонија’ бр. 6/2019). Реферат У.бр.13/2019, У.бр.31/2019, У.бр.38/2019 и У.бр.26/2020“ Претходното го напишав и објавив на 2.11. 2020 година.
Два дена потоа, на 4.11.2020 год., го објавив и следново:
„Ало, школски! Како си бе, школски? Одамна не сме се чуле, па си реков да ти се јавам. Зошто се јавувам? Така бе, школски… Не бе, школски, ништо посебно. Нема посебна причина. Си реков да ти се јавам, да се чуеме… Да бе, да! Добри сме, фалу му на Бога. Него, школски, кога веќе ти се јавив – дали си чул дека во петок, на 6.11.2020, Уставниот суд на својата 30-та седница (под точка 5) ќе ја разгледувал Иницијативата за утврдување на Уставноста и законитоста на Одлуката за прогласување на Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI, со кои се преиначи и името на Република Македонија, па дури, така некои велат, се редефинирала и самата Држава. Нешто и АСНОМ го чачнале, па во Преамбулата го вметнале и Охридскиот договор. Тоа значи дека не сме биле веќе АСНОМ-ска Македонија. И ти си чул? Навистина? Велиш дека тоа е направено преку Амандманот XXXIV? Аман бе, школски! Сигурен си, а? Баш ќе проверам. Белки и судиите од Уставен ќе проверат дали е така – дали сѐ во Одлуката за прогласување на Амандманите процедуално било уставно, законски што би се рекло.“
Дури сега, после четири години одлагања и симнувања од дневен ред, Уставниот суд ќе ја резгледувал Иницијатива од 2019 година. Потоа, некој безобразник (богами и непријател😉) ќе рече дека судството во Македонија не било функционално. Сешто, школски!