Недозволиво е пратениците во Собранието уште еднаш да разгледуваат продолжување на рокот за изградба на патот Кичево – Охрид кој се гради веќе десетта година и треба да се размислува во насока на раскинување на договорот со кинескиот изведувач, рече денес премиерот Димитар Ковачевски на пуштањето во употреба на обновениот пат Подмоље-Струга-Ќафасан. Тој најави ревизија на целиот проект.
„Недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради веќе над 10 години, се уште не е направен. Притоа пак да се бара одложување. Јас веќе ги информирав дел од колегите од Владата дека ќе барам ревизија од страна на државната ревизија на овој проект врз основа на која ќе биде носена одлуката. Со оглед на тоа што овој проект 10 години не е завршен од низа причини кои се однесуваат од проектирање до изведба на самиот проект. Сметам дека би требало да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање изведувач кој што ќе го направи на квалитетен начин, а не да гледаме 10 години пат кој се прави во кој се инвестираат пари, а досега нема ниту еден метар пуштено автопат на делницата Кичево – Охрид “, рече премиерот Ковачевски.
Освен ревизија од државните ревизори, Ковачевски смета дека е неопходна и ревизија од специјализирани компании за начинот на проектирањето.
„Едно е ревизија која што би ја направила државната ревизија меѓутоа исто така во иднина ќе треба да се направи и ревизија на проектирањето, нешто што го прават специјализирани компании за да се види точно зошто се имаат појавувано доцнењата, како се појавувале свлечишта кои не биле проектирани и постојано се одолговлекува работата со постојано гласање нови анекси во Собранието“, смета премиерот Ковачевски.
Последниот рок за завршување на патот Кичево –Охрид пред граѓаните го соопштија токму премиерот Ковачевски и министерот Благој Бочварски. Двајцата лани во мај кажаа дека патот ќе биде готов до крајот на 2023 година. Денес премиерот рече дека изведувачите и тој рок не го испочитувале, па поради тоа неопходна е ревизија која ќе биде основа за носење нова одлука за изведувачот, а не ја исклучи можност договорот да биде раскинат и да се избере нова фирма која навистина ќе ја заврши изградбата на патот.
Изведувач на патот Кичево – Охрид е кинеската компанија „Синохидро“, а цената што ја плаќаат македонските граѓани за него се искачи на околу 600 милиони евра.