Највисокиот воен командант на Украина, генерал Валериј Залужњи, во средата изјави дека војната со Русија влегува во нова фаза на статични и исцрпувачки борби, за кои тој предупреди дека може да биде од корист за Москва и да и овозможи да ја обнови својата воена моќ.
Во напис за Економист, Залужњи рече дека на украинската армија и се потребни клучни нови воени капацитети и технологија, од кои најважно е воздушното воено засилување, со цел да излезе од новата фаза на војната, која влезе во 21 месец.
Интервјуто што го даде за угледното списание беше објавено по речиси пет месеци од големата украинска контраофанзива, со која украинската армија не успеа да направи значителен пробив кон густо минираните руски одбранбени линии, ниту да го постигне очекуваното забавување на борбите во време кога сме на прагот на зимата, пренесува Јутарњи лист.
Со оглед на тоа што руските трупи се во офанзива во делови од источниот дел на земјата, Киев стравува дека Москва планира да започне кампања со воздушни напади за да ја исфрли електричната мрежа – оставајќи милиони жители во темнина и без греење среде зима.
Залужњи смета дека Украина мора поефикасно да ја уништи руската артилерија и да осмисли подобра технологија за пробивање на руските мински одбранбени линии.
Тој додаде дека залихите на оружје на Западот се покажале недоволни со оглед на долгите руски мински полиња. Во некои области тие се протегаат до 20 километри.
Тој остро ја опиша опасноста од фаза на исцрпувачки борби: „Ова ќе биде од корист за Русија. Тоа ќе и овозможи да ја врати својата воена моќ, на крајот заканувајќи им се на украинските вооружени сили и на самата држава“, вели тој.
Тој рече дека приоритет за Украина е зајакнување на резервните сили, иако Украинците имаат ограничен капацитет да ги обучуваат во земјата.
„Ние се обидуваме да ги решиме тие проблеми. Воведуваме единствена евиденција на регрути, а мора да ја прошириме и категоријата граѓани кои ќе можеме да ги поканиме на обука или мобилизација“, рече Залужњи.