Најмалку 335 сопственици на странски пасоши и 76 ранети жители на Газа денеска ја напуштија палестинската енклава преку преминот Рафах и влегоа во Египет, и се првата група која има корист од договорот постигнат со посредство на Катар, јавуваат странските агенции.
Според договорот постигнат меѓу Египет, Израел и Хамас, 81 ранет и околу 500 лица со странски пасоши, колку што се наведени, се очекува да можат да го напуштат Појасот Газа во наредните денови, соопштија извори од повеќе земји.
Дипломатски извор запознаен со плановите на Египет изјави за Ројтерс дека приближно 7.500 сопственици на странски пасоши ќе бидат евакуирани од Газа во наредниот период од приближно две недели. Истиот извор, исто така, рече дека луѓето од Газа ќе бидат евакуирани преку аеродромот Ал Ариш, кој ќе биде достапен за нивно полетување.
Дипломатите рекоа дека се очекува првите евакуирани странски државјани прво да отпатуваат за Каиро по пат, а потоа да го продолжат патувањето оттаму со авион. Ограничените евакуации уследија по повеќе од три недели од израелската целосна блокада на Газа и израелското бомбардирање на густо населената енклава и испраќањето копнени трупи како одмазда за нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Палестински функционер, кој се наоѓа на страната на границата во Газа, рече дека странските сопственици на пасоши ја напуштиле територијата со шест автобуси. Египетски извор изјави дека сите тие ќе мора да поминат безбедносни проверки веднаш штом ќе пристигнат во Египет.