Египетскиот пратеник во Европската унија Бадр Абделати денеска предупреди дека Западот е пристрасен во корист на Израел, додавајќи дека тоа му штети на неговиот углед на Блискиот Исток.
Тој нагласи дека Египет нема да ги прифати палестинските бегалци кои бегаат од Појасот Газа.
Нема да дозволиме уште едно протерување на Палестинците на сметка на соседните земји, било да е тоа Јордан или Египет“, изјави Абделати во интервју за „Политико“.
Според него, јавното мислење на Блискиот Исток е критично кон Западот поради неговите „двојни стандарди“.
„Јавното мислење во целиот регион е шокирано и многу вознемирено од ваквиот пристрасен однос. Меѓу јавното мислење во нашето соседство постои чувство дека во очите на Западот, животот на западните е поскапоцен од животот на Палестинците“, рече Абделати.
Тој предупреди дека последиците од конфликтот може да доведат до пристигнување на повеќе мигранти во Европа, што би можело да го поттикне фундаментализмот на прагот на Европската унија.
„Ставете се во кожата на децата кои имаат десет години и ги губат своите семејства. Што очекувате од нив во иднина“, праша египетскиот дипломат.
Тој истакна дека без решавање на палестинското прашање нема да има мир и стабилност на Блискиот Исток и повика на формирање независна палестинска држава, пренесува Танјуг.