Партијата ВМРО-Народна партија на експремиерот Љубчо Георгиевски смета дека судењето во Битола на долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, како претседател на клубот „Ванчо Михајлов“, е политички монтиран процес.
„За жал државата преку својот орган на јавен обвинител учествува неодговорно, арогантно и прави пародија од правниот систем само за наводно да докаже некаква идеолошка определба на човекот кој е симбол на борбата за самостојна и независна Македонија. Пародијата го достигна својот врв кога како главен сведок на обвинителот во разобличувањето на Ванчо Михајлов е повикан авторитетот на Ламбе Алабаковски кој пак е човек кој веќе и официјално е осуден за потпалување на истиот клуб“, велат од ВМРО-Народна преку соопштение.
Партијата додава дека за жал денес во Северна Македонија се води процес за кој ни самиот Лазар Колишевски немал доблест да го поведе дури и во најтемните времиња, а сево ова, како што се додава, е своевидно сопствено вето што си го ставаме на нашиот пат кон европската интеграција.
ВМРО-Народна партија предлага веднаш да се прекине овој судски процес.
Битолското обвинителство постапува по кривичната пријва за основачите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“. Претседателот на клубот, Љупчо Георгиевски е обвинет за предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем. На вчерашното рочиште Георгиевски рече дека не се чувствува виновен и дека на никого ништо лошо не сторил. Судењето продолжува на 18 декември, кога ќе бидат сослушани Ѓорги Црномаров и Благоја Шаторов, како сведоци на одбраната.