Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Западот сака да го прошири конфликтот од Украина во азиско-пацифичкиот регион, пренесе руската новинска агенција ТАСС, цитирајќи ги неговите коментари на форумот во Пекинг.
Говорејќи на најголемиот настан во организација на кинеската воена дипломатија, Шојгу изјави дека НАТО го прикрива трупањето сили во азиско-пацифичкиот регион со „наметлива желба да воспостави дијалог“, објави Ројтерс.
Шојгу нагласи дека членките на НАТО всушност промовираат трка во вооружување во регионот, преку зголемување на нивното воено присуство таму, како и зачестеноста и обемот на воените вежби.
„Американските сили ќе ја искористат размената на информации со Јапонија и Јужна Кореја за лансирање на проектили за да ги одвратат Русија и Кина“, рече Шојгу.
Тој, исто така, го обвини Вашингтон дека се обидува да ги искористи климатските промени и природните катастрофи како изговор за „хуманитарни интервенции“. Според него, формирањето на нови блокови, како што се КВАД и АУКУС, ја поткопува улогата на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и напорите за неширење на нуклеарното оружје во регионот.
Во исто време, рече тој, потегот на Русија за отповикување на ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови не значи крај на договорот.
„Бараме само да се врати паритетот со Соединетите Американски Држави, кои не го ни ратификуваа овој договор,“ наведува руската РИА, цитирајќи го Шојгу.