Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе претстави широк спектар на мерки за регулирање на употребата на вештачка интелигенција, објави Белата куќа, за да се ограничат ризиците поврзани со технологијата што се појавува.
Според Белата куќа, Бајден ќе потпише претседателска наредба со која се воведуваат нови безбедносни правила за сите системи за вештачка интелигенција и се бара од нивните креатори да ги споделат резултатите од нивните безбедносни тестови со американските власти.
Уредбата, исто така, има за цел да ги спречи ризиците поврзани со развојот на опасни биолошки производи создадени од вештачката интелигенција и да се осигура дека вештачката интелигенција не се користи за да ги измами потрошувачите.
Иницијативата е „најголемиот потег досега за заштита на Американците од потенцијалните ризици поврзани со системите за вештачка интелигенција“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Американскиот потпретседател Камала Харис во среда и четврток ќе учествува на самитот во Велика Британија, каде политичките лидери, претставници на технолошкиот сектор и научниците за првпат заедно ќе разговараат за брзиот подем на оваа технолошка револуција.
На самитот, на кој ќе присуствуваат британскиот премиер Риши Сунак, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе разговараат за стравовите предизвикани од вештачката интелигенција, пред се кога станува збор за сајбер нападите, ширење на дезинформации, губење на работни места и измама.