Разговори за одредување на датум за претседателските и парламентарните избори треба да има, но исклучиво во работните групи во институциите, вели премиерот Димитар Ковачевски. По вчерашниот апел од претседателот на Собранието Талат Џафери, до Нова година политичките партии да се договорат за датумот на изборите, Ковачевски вели дека може да се разговара за тајмингот но во рамки на законските рокови. Тој извести дека работна група во која членуваат политичките партии за претстојните избори е веќе формирана во Министерството за правда, како што налагаат прописите и единствено ВМРО – ДПМНЕ немаат делегирано свој претставник.
„Јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник бидејќи не може една или две партии да одлучуваат за процес во кој што учествуваат триесет и повеќе политички партии. Местото за такво нешто е во работна група. Таму прво ќе бидат усогласени финално препораките на ОБСЕ и ОДИХР во законот и исто така може да се разговара за точниот тајминг на изборите бидејќи изборите се распишуваат согласно закон, согласно Устав и согласно мандат на избраните функционери, тука, пред се мислам на претседателот на државата и пратениците. Во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси во однос на тајмингот. Се друго, одржување средби кои се вон тој формат каде сите треба да го дадат својот збор и своето мислење, мислам дека е вонинституционално“, рече премиерот Ковачевски денес од Дојран по почетокот на санацијата и реконструкцијата на колекторскиот систем и изградба на нова пречистителна станица.
Ковачевски остро го критикуваше неучеството на ВМРО-ДПМНЕ во работната група во Министерството за правда и порача дека поминало времето кога премиер од аеродром кажува кога да бидат изборите. Уверува дека одлуките за претстојните избори ќе се носат институционално и законски.
„Ние такви работи сме гледале во минатото за време на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога тогашниот претседател на Влада на аеродром кажуваше кога ќе има избори па потоа се водеа секогаш тешки преговори кои државата не ја однесоа никаде напред, туку стоеше во место. На крајот заврши со голема политичка криза која ја надминавме во 2017 година и денес изградивме демократско општество во кое сите процеси се водат во институциите, според закони и според она што е пропишано за одржување на демократски процеси каде врвен процес се изборите“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера на политичките партии им посочи дека 8 мај не е соодветен датум за претседателските избори оти новиот претседател треба да биде инаугуриран најдоцна до 12 мај.