Шишето со потпис Кока-Кола, заедно со други дизајнерски шишиња за виски или парфеми, би можеле да бидат исфрлени од европскиот пазар според новите нацрт-правила на ЕУ за да се намали отпадот од пакување во Европа.
Тој закон беше изгласан на 24 октомври во Комитетот за животна средина на Европскиот парламент, што е прв чекор во постапката пред парламентот да го усвои нацртот во ноември, објави „Еурактив“. Планот е законот да се финализира навреме пред јунските европски избори. Од „Еурактив“ посочуваат дека со примената на овој закон, постои ризик од повреда на заштитата на правата на интелектуална сопственост кога станува збор за посебните пакувања како што се брендираните шишиња за пијалоци.
„Ризикот е дека пакуваните производи ќе почнат да изгледаат исто. Креативните дизајни и култните облици постепено ќе исчезнат, а комерцијалната вредност ќе биде намалена бидејќи брендовите повеќе не можат да се издвојуваат еден од друг на полиците“, велат од трговската асоцијација што ги претставува производителите на стаклени шишиња „FEVE“.
Барањата за дизајнот на пакувањето се утврдени во директивата за отпад од пакување, која бара тежината и волуменот на пакувањето да се сведат на минимум. Претставништвото на компанијата Кока-Кола во ЕУ во Брисел засега одбива да го коментира нацртот на новиот закон, наведувајќи дека ги истражува импликациите за нејзините производи, пренесува Танјуг.