Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, обвини дека највисоки офицери изнудувале сексуални услуги од нивните подредени колешки.
Покрај појавата за плаќање кеш и давање мито за мисии во АРМ, рече Ковачки, има сериозни случаи на злоупотреба на службената позиција и сексуално малтертирање на офицерки и воени лица од страна на високи офицери.
„Истите високи офицери за возврат им ветувале школување на воената академија и други бенефити. Трагајќи по главните митаџии во министерството за одбрана во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази односно постојат фото и фоно записи со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник и за истото е информирана министерката за одбрана, и Стево Пендаровски кој не покажал интерес за ништо. Зошто министерката и Пендаровски не превземаат ништо? Тие одлучија да молчат“, рече Ковачки.
Министерката Славјанка Петровска одговори дека не смее министер за одбрана да влијае на истрагата.
Нагласи дека секогаш кога добивала било каква информација таа пријавувала во согласност со процедурата.
Рече дека не води истрага и постапки не може да преземе на своја рака, бидејќи нема такво законско право.