Јапонскиот писател Харуки Мураками (74) не е загрижен за влегувањето на вештачката интелигенција (АИ) во литературата бидејќи верува дека човековото традиционално и бавно пишување роман е посупериорно од компјутерот.
„Човечката глава е способна да функционира дури и со грешки, но компјутерот не е таков,“ вели тој.
„Главата ми е полна со грешки, а јас пишувам со таа глава. Кога компјутерот би имал толку многу грешки, би се распаднал,“ изјави Мураками во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ.
Мураками, глобално најчитан јапонски автор, е свесен дека во денешниот дигитален свет сè повеќе текстови се пишуваат со помош на компјутерска вештачка интелигенција, но тој и понатаму верува во луѓето доследни на „бавниот начин“ на пренесување информации.
Мураками вели дека и самиот се обидел да ги користи социјалните мрежи, но се откажал.
„Се обидов да ги користам, но решив дека не ми делуваат, па сега веќе не ги користам“, вели тој. „На почетокот, тие можат да помогнат да се создаде демократија, на нов начин, но на крајот бев толку разочаран од нив што целосно се откажав,“ додаде тој.