Пред Мурат Пашината Џамија во Старата скопска чаршија денеска се одржа протест за поддршка на палестинскиот народ под слоганот „Не молчи за масакрот“.
Со транспаренти „Слобода за Палестина“, „Молете се за Палестина“, „Израел е вистинскиот терорист“ собраните побараа да престанат нападите со кои се таргетираат цивили.
Емин Хусрев, еден од организаторите на Платформата за поддршка на Палестина, посочи дека меѓународната заедница на чело со Обединетите нации останува индиферентна на случувањата и не презема чекор во насока на спречување на масакрот кој за цел го има невиното население.
Беше прочитано и соопштение од организаторите на три јазици: турски, македонски и албански, во кое се вели: „Израел долги години ја окупира позицијата на окупатор во регионот и како и секогаш, деновиве врши и акти на угнетување и насилство врз муслиманите во Палестина, особено оние во Газа. Бомбардирањето на баптистичката болница „Ал Ахли од Израел, кој веќе 12 дена напаѓа невини цивили, главно жени и деца, е неприфатливо за човештвото. Како луѓе, не можеме да молчиме пред таквото варварство“.
На протестот беше порачано дека неопходно е да се преземат чекори за мир, а од Западот демонстрантите побараа да преземат праведен став помеѓу страните.