Ковачевски не му помагал на Мијалков да застари предметот за прислушувањето, туку Кривичниот законик го усогласил со ЕУ

Ковачевски-не-му-помагал-на-Мијалков-да-застари-предметот-за.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со усогласување со европското законодавство и денес премиерот Димитар Ковачевски ги оправдуваше измените на Кривичниот законик кои, меѓу другите, вчера и официјално го ослободија од вина за масовното прислушување Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање со застарување на судскиот предмет „Таргет – Тврдина“. Премиерот не сакаше да ја коментира судската одлука за застарувањето, но повтори дека предложил измени на Кривичниот законик поради усогласување со европско законодавство.



„Целото решение за измени на Кривичниот законик беше направено заради усогласување со европското законодавство, а не заради одредени случаи кои се наоѓаат во постапка 8, 9 10 години . По таа теза тоа би значело дека кај нас треба да се воведе незастарување на ништо и сите судски случаи да можат да траат 50-60 години, кога би биле решавани. Меѓутоа, праксата на земјите членки на ЕУ укажува на рокови кои обезбедуваат судење согласно пракса која нуди ефикасност за сите странки во процесот“, рече премиерот Ковачевски по денешната посета на компанијата „Вивакс“ заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Не сакаше да ја коментира комплетната застареност на предметот за масовното прислушување ниту евроамбасадото Гир, но и тој ја искористи можноста да потсети на веќе кажаниот став за измените на Кривичниот законик.

„Европската комисија беше многу јасна во врска со измените на Кривичниот законик. Изразија длабока загриженост во врска со импликациите од самиот принцип на неказнивост поради овие измени“, рече евроамбасадорот Гир.

Тој рече дека Европската комисија ги следи случувањата во судството кои произлегуваат од примената на измените на Кривичниот законик и најави дека ќе излезат со нови оценки и коментари.

Предметот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување застари по пет години и девет месеци низ судските лавиринти. Во предметот беа обвинети вкупно 11 лица. Мијалков беше осуден на 12 години затвор, а по 15 години затвор добија избеганите контраразузнавачи од Петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошковски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK