Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Хамбург изјави дека е неприфатливо Иран да ги одобрува нападите на Хамас врз Израел и потврди дека Франција се обидува да утврди дали официјален Техеран е директно вмешан, пренесува Танјуг.
„Немам коментар за директната вмешаност на Иран за што немаме формален доказ, но јасно е дека јавните коментари на иранските власти се неприфатливи и дека веројатно е дека на Хамас му била понудена помош. Ќе останам внимателен по ова прашање додека не ги добиеме целосните информации“, рече Макрон на прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Како што пренесува Ројтерс, Макрон и Шолц се согласиле дека Израел има право да се брани од напади на негова територија.
„Се надевам дека наредните денови ќе му овозможат на Израел да стави крај на секој напад на своја територија и успешно да ги ослободи заложниците“, рече Макрон.