Велшкото семејство – Лин Лејсон (51), Стивен Пол Лејсон (55) и нивниот син Самсон (22) се обвинети за набавка и дистрибуција на нелегални дроги низ Југозападен Велс во Велика Британија.
Се криеле под превезот дека „продаваат сладолед“, но во комбето за овој деликатес имало и наркотици, пренесуваат медиумите.
Според написите, шефот на оваа група – мајката е во бегство. Лин Лејсон е опишана како „доминантна сила“ во операцијата за шверц на дрога базирана на фарма во близина на Кармартен. Оваа семејна криминална организација доставувала големи количини на дрога во Југозападен Велс.
Лин Лејсон беше осудена во отсуство. Само неколку месеци претходно, нејзиниот сопруг Стивен и синот Самсон и двајцата беа затворени за нивните улоги, откако Лејсон не се појави на судско рочиште.
Обвинетата беше осудена во отсуство во петокот, откако судијата рече дека се чини дека таа намерно се обидува да ја избегне правдата со тоа што не се појави на суд.
Семејството го тероризирало локалното население, поради што некои ги продавале своите куќи за да избегаат.
Дополнително, соседите сугерирале дека нивното комбе се користело за продавање на нешто повеќе од сладолед, а доколку некој се осмелел да повика полиција, следното утро ги затекнувал гумите на автомобилот исечени.
Во истрагата се уапсени уште две лица, Ричи Колман (33) и Ема Калвер-Робертс (32).
Кога полицијата извршила рација на имотот во октомври 2021 година, открила повеќе од половина килограм кокаин, со проценета вредност на црниот пазар до 60.200 фунти, како и 1,4 килограми канабис, со проценета вредност од околу 15.600 фунти, заедно со над 17.000 фунти во готовина.
Полицијата пронашла и полуавтоматски пиштол кој му припаѓал на Стивен Лејсон.
Тој исто така беше осуден за поседување огнено оружје. Во јули, Стивен Лејсон беше осуден на 11 години затвор, а Самсон Лејсон на шест години, но Лин Лејсон не се појави на сослушувањето на нејзината пресуда и беше издаден налог за нејзино апсење.