Соработката ОБСЕ-Туркменистан, меѓународната и регионална соработка на земјата, климатските промени и заштитата на животната средина беа темите во фокус на разговорот помеѓу Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи и претседателот на Туркменистан, Сердар Бердимухамедов.
Средбата Османи-Бердимухамедов се одржа во Ашгабат во рамки на посетата на Централна Азија, еден од клучните региони за ОБСЕ во програмата на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата.
„Центарот на ОБСЕ во Ашгабат ужива одлична соработка со владините институциите и државните агенции, како и со граѓанското општество. Експертизата и ресурсите што ги поседува можат да придонесат за понатамошно унапредување на домашните реформи, особено во областите на добро владеење, заштита на животната средина, економско зајакнување на жените, борба против семејното насилство и родова еднаквост“, истакна Османи на средбата.
Османи и Бердимухамедов разговарале и за меѓународните односи на земјата, како и за резолуцијата на Обединетите Нации иницирана од Туркменистан минатата година, со која Централна Азија се прогласи за зона на мир, доверба и соработка.
Еден од предизвиците што го засега поширокиот регион на ОБСЕ се и климатските промени и справувањето со нив, што е високо на агендата на Претседавањето на Северна Македонија. Во таа насока, истакна Османи, поставен е и Специјален претставник за климатски промени што претставува нов пристап, за прв пат во историјата на ОБСЕ, обезбедувајќи политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ.
„Ова е особено важно имајќи предвид дека климатските промени влијаат и на севкупната безбедност во регионот на ОБСЕ, а тоа влијание може да биде ублажено преку заеднички регионален одговор“, рече Османи на средбата.
Османи го поздрави активниот придонес на Туркменистан за ублажување на последиците од климатските промени преку усогласување на работата на клучните пристаништа во земјата со најдобрите еколошки практики за што пристаништето во Туркменбаши доби и сертификат за еко-пристаниште.