Офир Либштајн, израелскиот градоначалник кој беше во Битола на 80- годишнината од депортацијата на македонските Евреи, загина денес во борба со терористите на Хамас.
Во март годинава, тој од Израел дојде заедно со Рахел Шели Леви Друмер, македонска Еврејка, внука на доктор Хаим Абраванел, чие име го носи Здравствениот дом во Битола.
„Загубивме голем поддржувач на македонските Евреи и на малите еврејски заедници во Европа. Офир ја организираше конференцијата во Битола ’Од Естер до Естер, за храброста на жените’ во март годинава, а сакаше да дојде и следната година на одбележување на годишнина од депортацијата на македонските Евреи. Беше градоначалник на Шаар Ханегев, тоа се сите населби околу границата со Газа. Беше вистински лидер. Веруваше дека ќе биде мир во соработка со граѓани од двете страни на границата. Беше убиен денес кога излегол да се бори и да ги брани своите граѓани. Ова е голема загуба за народот во Израел и за Евреите наши од Македонија“, вели Рахел Шели во изјава за „Макфакс“.
Локалните власти утрово соопштија дека Либштајн бил убиен за време на борбите со терористите на Хамас.
„Офир беше убиен кога отиде да го брани градот за време на терористичкиот напад“, соопшти Советот на Шаар Ханегев.
Додека Израел го славеше празникот Симхат Тора, утрово почна масовно ракетно истрелување од Појасот Газа кон израелска територија, а терористи се инфилтрираа во Израел од повеќе различни точки, соопштија израелските власти веднаш по ракетирањето. Повеќе од 100 жртви се веќе регистрирани, а ракетните напади продолжуваат и вечерва.