Најмалку 120 луѓе загинаа, а повеќе од илјада се повредени во земјотресот со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди западен Авганистан, покажуваат новите податоци објавени од регионалните власти.
„Досега се пријавени повеќе од 1.000 повредени… а околу 120 луѓе ги загубија животите“, изјави за „АФП“, Моса Ашари, шеф на одделот за управување со катастрофи во провинцијата Херат.
Билансот на загинатите претходно беше пријавен дека е 15, но властите предупредија дека ќе се зголеми бидејќи луѓето се’ уште се затрупани под урнатините.
Епицентарот на земјотресот бил на 40 километри северозападно од Херат – град кој се смета за културна престолнина на Авганистан – и набргу бил проследен со четири силни последователни потреси, објави Американскиот геолошки институт (USGS). Во Херат, кој има околу 1,9 милиони жители, жителите ги напуштија своите згради кога земјотресот се случи околу 11:00 часот по локално време.