Тензиите меѓу Израел и Палестинците постојат уште пред основањето на нацијата во 1948 година. Илјадници луѓе од двете страни беа убиени, а многу повеќе беа повредени во долготрајниот конфликт меѓу двете страни во последните неколку децении.
Насилството е особено засилено оваа година. Бројот на Палестинци – милитанти и цивили – убиени на окупираниот Западен Брег од страна на израелските сили е највисок во последните речиси две децении. Истото важи и за Израелците и странците – повеќето од нив цивили – убиени во палестинските напади.
Израел и милитантната група Хамас се вклучени во вооружени конфликти кои датираат уште од Првата палестинска интифада во 1987 година против израелската окупација на Појасот Газа и Западниот Брег.
Израел ја зазеде Газа од Египет во војна во 1967 година, а потоа се повлече во 2005 година. Малата територија – дом на околу 2 милиони Палестинци – падна под контрола на Хамас во 2007 година по кратката граѓанска војна со Фатах – ривалската палестинска фракција која е столбот на палестинската управа.
Откако Хамас ја презеде контролата врз Газа, Израел и Египет воведоа строга опсада на територијата, која е во тек. Израел, исто така, одржува воздушна и поморска блокада на Газа.
Пред саботната операција, последната војна меѓу Хамас и Израел беше во 2021 година, која траеше 11 дена и уби најмалку 250 луѓе во Газа и 13 во Израел.
Денешниот напад се случи на 50-годишнината од војната во 1973 година, кога арапските соседи на Израел започнаа ненадеен напад врз Израел на Јом Кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар, на 6 октомври 1973 година, пишува „Си-ен-ен“