Вучиќ: Нема да го екстрадираме Радоичиќ

Вучиќ-Нема-да-го-екстрадираме-Радоичиќ.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Белград не го признава Косово и не може да го екстрадира во Приштина лицето одговорно за организирање паравоена група на северот, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за „Скај њуз“, демантирајќи дека има улога во неодамнешното насилство, а косовскиот премиер за истите медиуми изјави дека Србија се обиде да предизвика војна.


Во интервјуто кое денеска го пренесуваат белградските и косовските медиуми на српски јазик, Вучиќ рече дека секогаш е полесно да се обвини Белград, говорејќи за тврдењата на Приштина дека Белград наводно ја планирал акцијата на паравоена група во селото Бањска во северот на Косово.

„Кој ќе поверува дека тоа е всушност нешто различно, речиси никој“, рече Вучиќ, инсистирајќи дека и косовската полиција (КП) користи оружје произведено во Србија, но дека Србија не им го продавала. Белград не може да го екстрадира во Приштина поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој призна дека организирал паравоена група, бидејќи Белград не го признава Косово.

До неодамна, потпретседателот на Српската листа (СЛ), водечката партија на косовските Срби, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за организирање паравоена група на северот на Косово која се судри со косовската полиција (КП), што заврши во смртта на полицаец и тројца Срби во селото Бањска. По конфликтот, Радоичиќ поднесе оставка од функцијата во СЛ и негираше какво било учество на српската држава во нападот и конфликтот.

Вучиќ е убеден дека лесно се наоѓа оружје и тоа не само на црниот пазар. Осврнувајќи се на изјавата на Радоичиќ во предистражната постапка што против него ја покрена српското правосудство по конфликтот на северот на Косово, Вучиќ ја наведе неговата изјава дека „купил нешто во Србија, нешто во Хрватска, нешто во БиХ“.

„Сега ќе провериме“, рече Вучиќ. Српскиот претседател потврдно одговори на прашањето дали Радоичиќ е негов близок соработник, потсетувајќи дека тој бил потпретседател на Српската листа, која го поддржува официјален Белград.

Српските правосудни органи го обвинуваат Радоичиќ дека наводно од јануари набавил оружје, муниција и експлозиви од Тузла, ги однел на територијата на Белград, а потоа ги складирал на Косово. Во меѓувреме, властите на БиХ негираа дека оружјето било купено во Тузла.

И косовскиот премиер Албин Курти даде интервју за Sky News и ги повтори обвинувањата дека Србија се обидела да предизвика војна, но не успеала во тоа. Курти рече дека Србите, кои се судрија со косовската полиција во Бањска, биле од Северната бригада и групите за цивилна заштита, а водач им бил Милан Радоичиќ, кого го нарекол „малиот Пригожин“.

Косовскиот премиер во интервјуто повтори дека побарал од Белград да го екстрадира Радоичиќ во Приштина и дека од меѓународната заедница бара безбедност за Косово, а за Србија осуда и санкции. Понатаму, Курти за Вучиќ рече дека тој е озлогласен автократ и тврдеше дека е невозможно да се изврши нападот во Бањска без да знае Вучиќ за тоа, објави порталот Косев.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK