Данокот на неочекувани добивки е една од мерките што треба да се воведат за да се потисне поскапувањето на храната, истакна европарламентарката Билјана Борзан, посочувајќи дека источните членки на ЕУ треба да соработуваат по ова прашање бидејќи тие се соочуваат со истиот проблем.
„Некој прави добар профит во моменти кога граѓаните се во криза“, рече Борзан на прес-конференција посветена на цените и достапноста на храната во земјите-членки на ЕУ, во контекст на борбата против сиромаштијата.
Борзан додаде дека хрватските граѓани „со право се прашуваат“ зошто еден литар нафта е поевтин во Луксембург отколку во Хрватска или зошто еден леб е поскап во Хрватска отколку во Германија.
Таа укажа на истражувањето на „Оксфам“, според кое 18-те најголеми корпорации за производство на храна и пијалаци оствариле неочекувани профити од 14 милијарди долари во 2021 и 2022 година, додека 43-те најголеми трговски синџири оствариле 28 милијарди долари, годишен неочекуван профит.
Смета дека мерките како што е намалувањето на ДДВ-то најмногу не им користат на граѓаните, туку „посредникот си става пари во џеб, а граѓанинот го носи товарот на кризата“.
Оттука, таа рече дека е најдобро да се воведе данок на неочекуваниот профит на компаниите (windfall profit tax), посочувајќи дека тој данок е неопходен во ситуации кои создаваат дополнителна добивка за одредени индустрии, како што беше случајот со фармацевтските производи за време на корона криза или енергијата по руската агресија врз Украина.
„Доколку се воведе данок на неочекуваните добивки, тоа секако би било едно од решенијата за проблемот“, рече Борзан.
Истакна дека и другите понови членки на ЕУ се во слична позиција како Хрватска, поради што е неопходно да се соработува со нив.
„Ќе се обидам да ги организирам моите колеги од источна Европа да почнат да работат заедно за да вршат притисок врз пазарот за да се поправат неправилностите на пазарот и граѓаните на Хрватска, Бугарија и Полска да имаат слични животни можности како оние кои живеат во Италија или Германија“, изјави Борзан.