,,Република Северна Македонија е меѓу првите земји во регионот па и пошироко, која што ја има целосно транспонирана NIS 2 Директивата од ЕУ во областа на безбедност на мрежни и информациски системи. Работната група составена од врвни експерти го изготви предлог законското решение во многу краток рок, што е исклучително важно бидејќи во нашата земја отсуствува соодветна правна регулатива, а има потреба и за транспонирање на европската директива во однос на мерките, за високо заедничко ниво на сајбер-безбедност“.
Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу по повод денешната јавна расправа за предлог-Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација.
Тој упати благодарност до членовите на меѓу-ресорската и меѓу-институционалната Работна група задолжени за подготовка на овој закон, како и на сите активни чинители кои придонесуваат за квалитетно законско решение и подобрување на текстот на законот, кој е објавен на ЕНЕР.
Министерот потенцираше дека Законот ќе обезбеди високо ниво на безбедност на мрежни и информациски системи, Градење и проширување на ИТ инфраструктурата, односно поефикасна и поефективна дигитална трансформација на јавниот сектор, Висок степен на отвореност со цел да се обезбеди развој на иновативни софтверски решенија, Како и можност за обезбедување на многу битни и неопходни обуки за сајбер безбедност и дигитални вештини за вработените во јавниот сектор.
Посочи дека, една од клучните цели на овој закон е дигитална трансформација на јавниот сектор со кој ќе се предвиди трансформација, односно транзиција од дистрибуирана дигитална инфраструктура кон централизиран пристап во Владин облак, кој ќе биде воспоставен во рок од 24 месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
,,Со овој закон меѓу другото се предвидува и формирање на Агенција за безбедност на мрежни системи и информациски системи и дигитална трансформација, чија структура е во согласнот со структурата на регулаторното тело ЕНИСА при Европската Унија. Агенцијата ќе биде надлежна за управување и координација на процесот на дигитална трансформација на јавниот сектор. Освен оваа надлежност, согласно NIS Директивата од ЕУ, Агенцијата ќе биде надлежно тело за безбедноста на мрежите и информациските системи во државата“, рече министерот.