На западните сили им снемува муниција потребна за одбрана на Украина од руска инвазија, предупредија денеска НАТО и Обединетото Кралство. Адмиралот Роб Бауер, високиот воен функционер на НАТО, на безбедносниот форум во Варшава рече: сега можете да го видите дното на бурето.
Тој изјави дека владите и воените производители мора да го зголемат темпото на производство. Украина истрелува илјадници гранати секој ден, повеќето доаѓаат од членките на НАТО.
Адмиралот кој претседава со воениот комитет на НАТО рече дека децениското недоволно инвестирање значело дека земјите на НАТО почнале да ја снабдуваат Украина со оружје кога нивните складишта за муниција веќе биле половина полни, па дури и празни.
„Ни требаат големи количества муниција. Економијата што произведува доволно и точно на време, како што изградивме заедно за 30 години во нашите либерални економии, е добра за многу работи, но не и за вооружените сили додека трае војната“, додаде тој.
Секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џејмс Хепи, изјави дека западните воени резерви „изгледаат малку слаби“ и ги повика сојузниците во НАТО да потрошат 2 отсто од своето национално богатство на одбраната, како што ветија.
„Ако сега, кога имаме војна во Европа, не е време да се трошат 2 отсто за одбрана, кога би било?“, праша. И додаде дека „економскиот модел не функционира кога треба да бидете подготвени за битките што доаѓаат утре“.
„Не можеме да запреме само затоа што нашите залихи се малку мали“, рече Хепи.
Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон рече дека е од витално значење за Европа да ја доведе својата одбранбена индустриска база во состојба во која може долгорочно да ја поддржува Украина.
„Затоа што сега копаме прилично длабоко во нашите сопствени залихи“, рече тој.
Министерството за одбрана на Обединетото Кралство соопшти дека дало повеќе од 300.000 парчиња артилериска муниција од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година и вети дека ќе даде „десетици илјади повеќе“ до крајот на годината.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека во истиот период Америка и дала на Украина повеќе од два милиони артилериски гранати. Зависноста на Киев од американската муниција е таква што меѓу сојузниците во НАТО постои загриженост за можноста Доналд Трамп да биде реизбран за претседател следната година.
Тие стравуваат дека американската воена поддршка за Украина може да се намали доколку Трамп побара некакво политичко решение со Москва. Проблемот е што, и покрај обидите да го зголеми производството, Украина ја троши муницијата побрзо отколку што западните сили можат да ја заменат.