Претседателот на Тунис, Каис Саид, ја отфрли финансиската поддршка што ЕУ и ја најави на земјата во септември, делумно за да помогне во борбата против илегалната миграција, велејќи дека таа е во спротивност со договорот потпишан пред три месеци.
Потегот на Саид би можел да го поткопа „стратешкото партнерство“ од јули, кое вклучува мерки за борба против шверцерите на луѓе и заострување на граничните контроли, по наглото зголемување на бројот на бродови кои од северноафриканската земја одат кон Европа, пишува Ројтерс.
Имено, Европската комисија минатиот месец објави дека ќе плати 127 милиони евра помош за Тунис како дел од јулскиот договор за борба против илегалната имиграција од Африка во Европа.
„Тунис го отфрла она што го објави ЕУ, не поради малата сума, туку затоа што предлогот е во спротивност со меморандумот за разбирање потпишан во јули“, рече Саид.
Договорот од јули, потсетува Ројтерс, вклучуваше помош за Тунис од една милијарда евра, која освен за справување со миграциската криза, ќе послужи и како „инјекција“ за економијата и државните финансии.
Сепак, помалата сума објавена од Комисијата пред десет дена предизвика фрустрација кај туниските власти, кои се борат да ја подобрат состојбата на јавните финансии, и ги зголеми стравувањата кај агенциите за кредитен рејтинг дека тамошната влада би можела да не ги плати странските долгови во наредниот период.
Спорот меѓу двете страни, според Ројтерс, се совпаднал со пристигнувањето на рекорден број мигранти од Тунис и Северна Африка на италијанскиот остров Лампедуза.
Така, Тунис ја одложи посетата на делегацијата на Европската комисија минатата недела за да разговара за деталите од договорот за миграција. Исто така, минатиот месец тој го забрани влезот на пет членови на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на состаноци за политичката ситуација во Тунис, велејќи дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи на земјата.
Некои европски земји, вклучително и Германија, се спротивставуваат на договорот од јули, тврдејќи дека тој не се однесува на политичката ситуација и прашањата за човековите права откако Саид ја презеде власта, го затвори тунискиот парламент и почна да владее со декрет, што тамошната опозиција го карактеризира како државен удар.