Харков, вториот по големина украински град, ќе го гради првото целосно подземно училиште, со цел да ги заштити учениците од честите руски ракетни напади, најави градоначалникот на тој град, што воедно ќе биде и прва ваква зграда во земјата.
„Таквото засолниште ќе им овозможи на илјадници деца во Харков да го продолжат своето безбедно образование „лице в лице“ дури и за време на ракетни закани“, објави градоначалникот на Харков, Ихор Терехов на Телеграм.
Новото училиште ќе ги исполни „најсовремените регулаторни барања во однос на заштитните структури“, тврди Терехов, од чии изјави не е јасно колкаво ќе биде училиштето и кога ќе се отвори.
Додека многу училишта во предните региони за време на војната досега беа принудени да одржуваат настава преку Интернет, Харков организираше околу 60 посебни училници во станиците на метрото пред почетокот на учебната година, која започна на 1 септември, создавајќи простор за учење за повеќе од илјада деца, пишува Ројтерс.
Пред февруари 2022 година и почетокот на руската агресија врз Украина, Харков имаше повеќе од 1,4 милиони жители. Делови од градот се наоѓаат на помалку од 35 километри од руската граница и тој е изложен на речиси секојдневни руски напади.
Гувернерот на областа Харков извести дека во изминатите 24 часа, заклучно со понеделникот, како последица на руските напади, загинал еден цивил, додека неколку куќи биле оштетени.
Војната, на која не и се гледа крајот, уби илјадници и раселени милиони цивили, а според украинското Министерство за образование, уништени се 363 образовни институции низ целата земја, додека речиси 3.800 се оштетени.