Во Словачка денеска се одржуваат парламентарни избори.
Според анкетите, ќе се води тесна борба меѓу поранешниот левичарски премиер Роберт Фицо, кој вети дека ќе ја прекине воената помош за соседна Украина, и прозападните либералите, пренесуваат британските медиуми.
Последните истражувања на јавното мислење покажаа дека двете партии се речиси изедначени, а победникот ќе добие шанса со нова коалиција да ја замени техничката влада која од мај ја води земјата од 5,5 милиони жители.
Победата на левичарската партија Смер-словачка Социјалдемократија СМЕР-ССД, предводена од Роберт Фицо, би можела Словачка да ја стави во редот повеќе со Унгарија за жешките општествени прашања, како што се правата на ЛГБТ или миграцијата, а Фицо за време на кампањата вети дека ќе ја прекине поддршката на Братислава за Украина, наведуваат британските медиуми.
Владата на Прогресивна Словачка (ПС) ќе остане на курсот во врска со надворешната политика на земјата, одржувајќи ја силната поддршка на Словачка за Киев, истовремено ставајќи ја земјата во проинтегративниот и либерален кампус на ЕУ за прашањата како што се зелената политика или правата на ЛГБТ.
Во кампањата, прозападната ПС ги истакна реформските способности на нејзиниот лидер Михал Шимечка, актуелен потпретседател на Европскиот парламент, и пораките насочени против Фицо.
Не се очекува ниту СМЕР-ССД ниту ПС да го добијат потребното мнозинство за самостојно формирање на влада, што значи дека тоа најверојатно ќе зависи од резултатите на неколку помали партии, а Социјалдемократската партија „Хлас“ би можела да биде своевиден тас на вагата. Оваа партија, која беше формирана од поранешниот соработник на Фицо, Петар Пелегрини, во моментов е трета најсилна во анкетите со поддршка од околу 13 отсто.