Гардијан за вооружениот конфликт во Косово: Доколку се докаже дека Вучиќ е вмешан, тоа може да доведе до санкции против Србија

Гардијан-за-вооружениот-конфликт-во-Косово-Доколку-се-докаже-дека.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Косово ја обвини Србија дека стои зад воената група која во неделата нападна полициска патрола и се судри со косовските сили.

Властите во Приштина покажаа низа модерно оружје што го користела групата, вклучително и два оклопни автомобили од српско производство и фрлач на гранати, заедно со документ што наводно покажува дека фрлачот гранати, произведен од Застава Армаментс, бил испорачан од српската армија, пишува британскиот Гардијан.

Косовската влада, исто така, тврди дека водачот на групата бил истакнат политичар од косовски Срби, лојален на српскиот претседател Александар Вучиќ, и дека еден од тројцата борци убиени во неделата бил поранешниот телохранител на Александар Вулин, шефот на српската разузнавачка служба, кој е санкциониран од САД за корупција.

„Оваа група дојде од Србија, тие се обучени во Србија, финансирани и опремени од српската армија и нејзината полиција. Дел од оружјето е земено од армискиот магацин и предадено на терористите кои дошле на Косово од Србија“, изјави за Гардијан косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља.

Свечља рече дека неговото министерство ги споделило доказите со западните амбасади и агенции.

„Тие сакаа да ја окупираат територијата на Косово и да отворат нов канал за комуникација, нов пат од Србија до Косово“, рече тој и додаде дека крајната цел е поделба на земјата.

Српската влада негираше вмешаност во вооружената група, но одржа официјален Ден на жалост за тројцата загинати.

Косово вели дека групата била предводена од Милан Радоичиќ, заменик-претседател на партијата Српска листа поддржана од Белград, која доминира во политиката во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово.

Свечља рече дека разузнавачката служба на неговата земја верува дека Радоичиќ, кој е санкциониран од САД и Велика Британија, е ранет и се опоравува во главната воена болница во Белград. Тврдењето не можеше да се потврди независно.

Радоичиќ не се огласи во јавноста, но министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, тврди дека снимката на која се гледа Радоичиќ меѓу припадниците на паравојската е „измама“.

Конфликтот се случи во време кога преговорите со посредство на ЕУ за нормализација се во застој, при што Вучиќ вети дека никогаш нема да го признае Косово, а косовската влада одбива да воспостави полуавтономна асоцијација на српски општини.

САД ги поддржуваат преговорите и досега застанаа на страната на Европа бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлаа на косовскиот премиер Аљбин Курти. Но, администрацијата на Бајден ја истражува вмешаноста на Белград во паравоената единица и се обидува да ја открие нејзината мисија.

Доколку се утврди дека Вучиќ бил вмешан, тоа би можело да го промени пристапот кон преговорите на САД и ЕУ, кои законодавците од двете страни на Атлантикот ги критикуваа како пристрасни кон Белград. Ова може да доведе и до санкции против Србија.

„Се појасно е дека имало сценарио да се предизвика конфликт, српската војска да влезе да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја изврши поделбата на Косово. Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија која Западот не може да ја толерира. Ваквата ситуација Курти не ја испровоцира, како што коментира мнозинството во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, изјави Соња Бисерко, претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

Во брифинг документ за ЕУ, косовската влада соопшти дека „група од десетици маскирани вооружени лица отвориле оган врз рутинска полициска патрола“ на 24 септември во селото Бањска во близина на границата со Србија.

Во судирите загинаа еден косовски полицаец, тројца членови на воената група, а неколкумина беа повредени. Српската група потоа се повлекла со оклопни автомобили во манастир во близина на селото, што довело до судири. Пред косовската полиција да успее да ја преземе контролата врз манастирот, рече Свечља, некои од паравоените групи успеале да побегнат и да преминат во Србија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го осуди нападот врз косовската полиција и рече: „Сторителите на ова злосторство мора да одговараат преку транспарентен истражен процес“. Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од какви било активности или реторика што може дополнително да ги подгрее тензиите“.

Блинкен повика на „враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK