На втората ТВ дебата учествуваа седуммината републиканци кои заедно со Доналд Трамп се борат да бидат кандидат на нивната партија на претседателските избори во САД следната година, а и овој пат отсуствуваше поранешниот американски претседател.
Поранешниот потпретседател Мајк Пенс, поранешната гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли, гувернерот на Флорида Рон Десантис, гувернерот на Северна Дакота Даг Бургум, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот, поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи и претприемачот Вивек Рамсвами учествуваа во дебатата одржана во средата во библиотеката и музејот Роналд Реган во Сими Вали, Калифорнија.
Во ТВ дебатата кандидатите главно ги критикуваа отсутниот Трамп, американскиот претседател Џозеф Бајден, но и меѓусебно, најмногу за прашањата за односите со Кина, миграцијата и економската политика, пренесува Ројтерс.
Трамп, кој е пред својот најблизок ривал за номинација со 37 процентни поени во најновата анкета на Ројтерс/Ипсос, ја прескокна дебатата, како и првата во Висконсин минатиот месец.
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, го нарече Трамп „исчезнат во акција“ и го обвини дека додал билиони долари на националниот долг.
Поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, редовен критичар на Трамп, рече дека Трамп е „исплашен“ и „Пајо патор“ затоа што ја прескокнал дебатата.
Мајк Пенс, потпретседателот на САД за време на администрацијата на Трамп од 2017-2021 година, најави дека доколку биде избран, ќе има спротивен пристап од поранешниот американски претседател.
Бајден, потенцијалниот демократски кандидат за изборите во ноември 2024 година, исто така се најде на удар на републиканските кандидати, кои остро го критикуваа неговото справување со економијата и мигрантската криза на јужната граница со Мексико.