Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за РТРС изјави дека не се плаши од судење за неспроведување на одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит и дека нема да бега, ниту да оди во затвор. Додик рече дека странците се обидуваат да го менаџираат овој процес и дека тоа го прават за да го тргнат од политичката сцена.
„Нема да бегам, ниту ќе одам во затвор. Босна и Херцеговина ќе пропадне побрзо отколку јас што ќе одам во затвор. На судството на Босна и Херцеговина е да ги докаже обвиненијата против мене“, изјави Додик за РТРС.
Додик за Шмит повтори дека е нелегален, нелегитимен, дека измислува… „Ако сме ние за него мајмуни, тогаш и тој е свиња за нас и тоа фашистичка. Сега се покажа дека Шмит е поддржувач на фашизмот и оние кои Хитлер ги одликуваше со највисокото признание“, рече претседателот на Република Српска.
„Имаме сериозен проблем со Америка и ЕУ кои овде ни ги ускратуваат уставните права, но тоа не е безнадежно, не сум го изгубил умот ниту политички ниту психички, но не сакам да бидам дел од наметната матрица на однесување, во кои тие се нешто посебно, а ние сме фактор кој пореметува.
Србите не се народ кој лежерно ги прифаќа туторите. Наративот дека американското влијание е позитивно овде, а руското влијание е негативно, го наметнуваат западњаците, Американците и другите од Брисел, кои имаат проблем со Русија“, рече Додик.