Еден ранет напаѓач на косовската полиција по укажаната лекарска помош, доцна вчера вечер е пренесен во Универзитетскиот клинички центар во Приштина.
Ова го изјави дикректорката на болницата во јужна Митровица, пренесува Косово-онлајн.
Како што додаде таа, ранетиот има прострелни рани и скршеница.
„Тој дојде овде со стабилни параметри и со стабилни параметри беше однесен во Приштина и таму очекуваме дека ништо нема да му го загрози животот. Имаме свои екипи, но имаме и засилување од Универзитетскиот клинички центар на Косово. Лицето имаше прострелни рани, влезни и излезни рани, а од друга страна има и скршеница“, рече таа.
За потсетување, немирите во Косово почнаа во текот на ноќта саботата кон неделата, кога косовската полиција забележала барикади и вооружена група Срби од Косово кај селото Бањска, по што дошло до конфликт и еден косовски полицаец бил убиен, а двајца полесно ранети.
Лицата од вооружената група околу пладне упаднаа во дворот на Бањскиот манастир, а верниците и свештените лица останаа внатре. Рашко-призренска епархија по неколку часа објави дека групата се повлекла и во манастирот е мирно, но има неизвесност и загриженост кај монасите и верниците.
Во престрелките што траеа во текот на целиот ден, застрелани беа три лица од вооружената група – состојба што српскиот претседател, Александар Вучиќ рече дека можела да биде избегната, а истовремено тврди дека имаат и докази оти косовската полиција брутално ги ликвидирала. Вучиќ вечерва на вонредна прес-конференција изјави и дека групата Срби се побунила поради теророт на Курти и посочи на косовскиот премиер како единствен виновник за состојбите, а убиството на полицаецот го осуди.
Курти, пак, за престрелките на северот директно ја обвини Србија дека ги финансирала и поддржала напаѓачите, опишувајќи ги настаните како терориризам.
Во близина на манастирот, во хотел има и седум македонски државјани, меѓу кои и дете. Косовска полиција го обезбедува хотелот, велат од МНР.
Меѓународната заедница го осуди убиството на полицаецот и повика да продолжи дијалогот.