Премиерот Димитар Ковачевски се огласи со коментар по денешните престрелки на северот на Косово апелирајќи на деескалација и осудувајќи ги настаните.
Ковачевски нагласи дека со голема загриженост се следи состојбата во Косово и се во постојана координација со сојузниците. Премиерот изрази целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои, како што вели, се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот.
Во однос на безбедносната состојба во Македонија, Ковачевски уверува дека граѓаните може да се спокојни – таа е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања.
„Сите институции задолжени за безбедноста будно ја следат состојбата. Воедно согласно информациите споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во земјата како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Премиерот повика на продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени прашања на мирен и демократски начин. Клучно е, вели тој, забрзувањето на евроатлантските интеграции на Западен Балкан, како единствен начин за обезбедување напредок и стабилност во регионот, како и намалување на влијанието на дестабилизирачки трети страни.