Францускиот рапер МХД, чиешто вистинско име е Мохамед Сила, е осуден на 12 години затвор за убиство на млад човек во Париз во 2018 година, кој прво бил удрен од автомобил, а потоа избоден со нож.
Петмина соучесници на МХД, исто така, беа осудени на затворски казни од 10 до 18 години за убиство извршено за време на тепачка меѓу ривалски банди, но тројца од обвинетите беа ослободени, пишува Гардијан.
Ноќта на 5 јули 2018 година, 23-годишниот Лоик К. најпрвин бил удрен од црн мерцедес, а потоа бил претепан и избоден од десетина лица во 10. арондисман на француската престолнина.
МХД негирал дека е на местото на настанот, но локален жител го снимил инцидентот од неговиот прозорец, врз основа на што било идентификувано дека мерцедесот е на МХД.
Други сведоци, исто така, го идентификуваа МХД по неговата фризура или дуксерот Пума за кој раперот беше амбасадор на брендот. Автомобилот со кој бил удрен Лоик К, ден по убиството бил пронајден оставен и запален на паркинг.
Пред судот, пред да се повлече за да разговара со адвокатите за пресудата донесена по тринеделното судење, МХД повторно се изјасни дека е невин.
„Од почетокот тврдев дека сум невин во овој случај и ќе продолжам да ја бранам својата невиност“, изјави МХД пред преполната судница.
Осудените, кои сите се изјаснија за невини, имаат рок од 10 дена да поднесат жалба до надлежниот суд.