Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, одговарајќи на новинарско прашање за содржината на извештајот на Европскиот парламент за Турција, рече дека Анкара може да се „раздели“ од Европската Унија доколку е тоа потребно.
Во извештајот, усвоен претходно оваа недела, се наведува дека процесот на пристапување на Турција во европскиот блок не може да продолжи под сегашните околности и ја повикува ЕУ да ја истражи можноста за примена на „паралелна и реална рамка“ кога се занимава со односите со Анкара.
Турција е официјален кандидат за членство во ЕУ веќе 24 години, но преговорите за пристап беа закочени во последниве години поради загриженоста на блокот за кршење на човековите права и почитување на владеењето на правото во Турција.
„ЕУ се обидува да се одвои од Турција“, им рече Ердоган на новинарите пред патувањето во Соединетите Американски Држави. „Ние ќе направиме свои проценки во однос на ваквиот развој на настаните и, доколку е потребно, можеме да се разделиме со ЕУ“.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти претходно оваа недела дека извештајот на Европскиот парламент содржи неосновани обвинувања и предрасуди и дека има „плиток и невизионерски“ пристап кон врските на Турција со ЕУ.